Вкупно 157 милиони евра ќе добие Македонија од Светска банка за финансирање на патната инфраструктура на земјава. Станува збор за два кредити, од кои првиот од 52 милиони евра веќе е поминат на Бордот на директори на банката, додека вториот од 105 милиони евра се очекува да помине во почетокот на наредната година. Ова во Вашингтон го соопшти вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, откако со гувернерот на Народна банка на Македонија, Димитар Богов и останатите членови на делегацијата, имаа средби со раководствата на ММФ и Светска банка, на Годишното заседание на овие две институции.
Вкупно 157 милиони евра ќе добие Македонија од Светска банка за финансирање на патната инфраструктура на земјава. Станува збор за два кредити, од кои првиот од 52 милиони евра веќе е поминат на Бордот на директори на банката, додека вториот од 105 милиони евра се очекува да помине во почетокот на наредната година.
Ова во Вашингтон го соопшти вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, откако со гувернерот на Народна банка на Македонија, Димитар Богов и останатите членови на делегацијата, имаа средби со раководствата на ММФ и Светска банка, на Годишното заседание на овие две институции.
"Светска банка пред малку одобри кредит од 52 милиони евра за финансирање на регионални патишта и тој е поминат на Бордот на Светска банка. Станува збор за регионалните патишта Дебар - Бошков Мост, Битола - Ресен и други. Договоривме уште 105 милиони евра како кредит, исто така наменет за финансирање на десетина патни правци", изјави министерот Ставрески.
Тој вели дека македонската делегација во Македонија ќе се врати со позитивни вести, особено и заради признанието од двете институции за справувањето со предизвиците кои произлегуваат пред се од проблемите во Европа, како и дека можеме да бидеме задоволни од нашите стапки на раст. Првиот финансиер вели дека било добро да се чуе дека еден од главните совети кои ММФ и СБ им ги даваат на земјите, е всушност она што се применува во Македонија, а тоа се инвестиции во инфраструктурата.
"Задоволство е да се слушне дека и од Меѓународниот монетарен фонд и од Светска банка македонската економија е оценета како најдобра во регионот, што најмногу се должи на политиките на привлекување странски инвестиции, креирањето нови работни места и на инвестициите во инфраструктурата. Советот на двете институции до сите земји е таму каде што има простор, а Македонија има таков простор, преку буџетот да се поддржат капиталните инвестиции и всушност тие се политики што ние ги преземаме", рече министерот.
Гувернерот Димитар Богов вели дека прогнозите на ММФ и на СБ за македонската економија се блиски до оние на нашите институции.
"Имавме исклучително квалитетни дискусии. Главната дебата овде е како да се креираат нови работни места и раст во целиот свет, а особено во Европа. Добивме признанија дека Македонија води здрави политики, кои треба да ги продолжиме и секако, да бидеме внимателни, доколку се појават опасности за излегување на економијата од рамнотежа", нагласи првиот човек на Централната банка.
Значајниот економски раст кој се предвидува за Македонија е навистина добра шанса за развој на земјата, сметаат од Европскиот оддел на ММФ. Кога станува збор за ризиците, од таму гледаат два на кои треба да се посвети внимание. "Нашите прогнози за економскиот раст за Македонија се навистина силни за оваа и за наредната година. Ние веруваме дека властите во земјата на тоа гледаат како на значаен прозорец на можности за развој", изјави Фил Гарсон, заменик директор на Одделот на ММФ за Европа. Ова следува откако Фондот ги објави своите најнови прогнози според кои годинава се очекува раст од 3,4 отсто, а следната година 3,6 отсто.
Првиот предизвик, според Гарсон, е потребата да се воспостави фискално сидро и да се одржува таргетот на фискалниот дефицит. Вториот предизвик тој го гледа во потребата од подобрување на бизнис околината. "Властите отворија поголем број специјални економски зони во земјата, со цел да се охрабрат странските инвеститори, што, секако, е корисно. Но, кога станува збор за слободните зони, ние не ги гледаме прелевањата од нив врз домашната економија. Треба да се направи повеќе прогрес во бизнис околината за да се зголеми продуктивноста во останатиот дел од економијата. Значи, да се воспостави подобра врска меѓу странските инвеститори во слободните зони и остатокот од домашната економија со цел ефектите да се почувствуваат во целата домашна економија", вели Гарсон.
Министерот Ставрески вели дека Владата и за двете овие прашања веќе има разговарано со ММФ. "Ние преземаме мерки за зајакнување на врската меѓу странските инвеститори и домашните компании, со цел повеќе домашни снабдувачи да се вклучат во синџирот на странските компании. Ангажиравме и експерти кои работат во конкретни компании на лоцирање на слабостите и за нивно надминување. Околу вториот предизвик, и овде советот е земјите што имаат фискален простор, да го користат за инвестиции во инфраструктурата, што е корисно и за подигнување на економијата на краток рок, и за зголемување на нејзината конкурентност, на долг рок. Ние го правиме тоа веќе неколку години, бидејќи имаме фискален простор, и во следниот период ќе продолжиме да реализираме клучни капитални преокети. Исто така, во Македонија фискалното сидро се поставува на најдобар можен начин, преку внесување на фискалните таргети во Уставот, што е политика која ММФ и СБ ја препорачуваат за земјите од Југоисточна Европа", објасни министерот.
Европскиот оддел на ММФ вчера одржа прес конференција на која се зборуваше за клучните предизвици за европската економија, како што се геополитичките кризи, пред се руско-украинската, и бавното заздравување, изразено во некои економии, кое може повторно да ги доведе до рецесија. Новинарите се интерсираа кои се клучните причини за намалените предвидувања за раст на еврозоната, од само 0,8 отсто годинава, што е за 0,3 процентни поени помалку од претходните прогнози во јули годинава. Според ММФ главните причини се кријат во надворешните фактори, како што е геополитичката криза. Од ММФ потенцираат дека земјите од еврозоната треба да продолжат со спроведување на структурни реформи, како и со фискалната консолидација. Неопходни се реформи кај пазарот на трудот и во други сектори, а монетарците не негираат дека некои од нив ќе бидат тешки.
Грчките новинари прашаа дали Грција е веќе во можност да ја напушти програмата со кредиторите, но од ММФ сметаат дека и покрај постигнувањата, сепак, треба да се одржува врска меѓу оваа земја и кредиторите. За Словенија, пак, од ММФ велат дека земјата беше во длабока рецесија од која закрепна, па затоа нивните препораки се дека треба да продолжи да го чисти банкарскиот сектор, да работи на продолжување на фискалната дисциплина, како и на реформите во корпоративниот сектор, да се приватизираат 15 државни претпријатија, како и да се стимулира економскиот раст.